Општинското основно училиште „Видое Подгорец“ од Струмица е единствено училиштe во струмичкиот регион кое е вклучено во проектот на УСАИД е-пристапно образование во соработка со граѓанската организација „Отворете ги прозорците“.Целта на проектот е поттикнување на инклузијата и активно учество на учениците со посебни потреби во воспитно-образовниот процес.
Инклузивниот пристап во образованието тргнува од ставот дека се неопходни промени во училиштата за да може секое дете, без оглед на неговите способности, да напредува во рамките на своите можности. Преку овој проект се овозможува надминување на пречките и пристапот до компјутерот и интернетот преку употреба на асистивни уреди во зависност од потребите на учениците со посебни потреби како и на учениците со потешкотии во учењето. Асистивните информатички уреди претставуваат хардверски или софтверски производи кои им овозможуваат на лицата со посебни потреби и потешкотии во учењето, остварување на дневните задачи, подобрување на комуникацијата, образование, рекреација, поголема независност, односно подобрување на квалитетот на нивниот живот. Самиот проект се одвива во неколку фази. Во првата фаза беа спроведени две обуки на стручната служба и наставниците за асистивната технологија и нејзина примена и за улогата на асистивните уреди во процесот на индивидуализација на наставата. Во втората фаза беше извршена донација на монитор на допир, тастатури со зголемени копчиња, тракбол, издвоен клик и џојстик како и образовни софтвери за елементарно описменување и развивање на математички вештини. Од страна на училиштето беа извршени потребните материјално-технички подготовки за користење на донираната опрема. Дел од опремата учениците со посебни потреби и потешкотии во учењето во новата учебна 2014/15 година ќе можат да ја користат во кабинетот на дефектологот, а дел ќе биде приклучена по училниците во зависност од потребата на учениците. Во ООУ „Видое Подгорец“ се надеваат дека со овие уреди ќе обезбедат поактивно учество во воспитно-образовниот процес.