Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води на општина Струмица е во полн ек. Привршуваат градежните работи и наскоро ќе започне монтирањето на дел од опремата. Изградбата е во согласност со националното и ЕУ законодавството и со третманот на отпадните води од градот Струмица и околните населени места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабиле, Муртино, Просениково и индустриските зони кои гравитираат кон Струмица, и покрај заштитата на животната средина со неа се постигнува исполнување на барањата поврзани со пристапување на земјата кон ЕУ.
Најголема заслуга за изградбата на овој капитален проект кој чини 6.581.787,00 евра има поранешниот градоначалник на општина Струмица Зоран Заев кој уште во првиот мандат овој проект го стави во приоритетните, но неговата реализација беше попречувана бидејќи Грција не го даде грантот поради нерешениот спор со името. Потоа се бараа нови начини за обезбедување средства и сега овој проект е финансиран преку Инструментот за претпристапна помош ИПА – Компонента III – Регионален развој со вкупен буџет од 6.581.787,00 евра. Според Александар Чеботарев раководител на работната единица за имплементација на проектот, Пречистителната станица треба да биде готова до 21 октомври оваа година.Општина Струмица од сопствени средства во буџетот учествува во кофинансирање на проектот со финансирање на експропријацијата на земјиштето, изведба на водоводна линија, финансирање на ревизија на основниот проект и проектот за колекторскиот систем, отстранување на еден од постојните објекти кој не се вклопи во новиот дизајн на објектот, изработка на сите потребни геодетски елаборати како и со целокупен ангажман на општинската администрација и јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ во подготовка на техничката документација на проектот. Во фазата на подготовката на техничката документација, општина Струмица активно соработуваше со меѓународната консултантска компанија NIRAS обезбедувајќи ја целокупната административна поддршка. Објектот се гради на површина од 55.000 метри квадратни и ќе опслужува 53.419 жители. Од динамиката на работите на објектот сме потполно задоволни, привршуваат градежните работи и очекуваме да започне фазата на монтажа на опремата, дел од неа е веќе пристигнат и почитувајќи ги строгите ИПА правила објектот треба да биде готов до 21 октомври 2017 година, рече Чеботарев.