Општина Струмица ги средува жардинериите во централното градско подрачје, односно долж булеварите „Маршал Тито“ и „Ленинова“. Во градежниот зафат кој започна денеска ќе бидат заменети околу 100 окапници кои во изминатиот период се одлепиле поради временските промени, но поголем дел се искршени и од страна на граѓаните кои често ги користат за преминување од едната на другата страна, наместо пешачките премини.Истовремено, започна и есенското хортикултурно уредување на јавните површини во градот. На кружниот тек на булеварот „Гоце Делчев“ кај Анска река, летното цвеќе е заменето со хризантеми. Хризантеми ќе бидат засадени и околу палмите во жардинериите на булеварот „Маршал Тито“.Според најавите од „Комуналец“, оваа есен на јавните површини во градот ќе бидат засадени околу 12 илјади темјанушки.