Струмица денеска ширум ги отвори своите порти за мирољубивите луѓе, учесници во глобалната штафетна трка која ги промовира меѓународниот мир, единството, пријателството и разбирањето. Точно напладне, нејзините учесници од Валандово пристигнаа на градскиот плоштад „Гоце Делчев“, а ги поздравија спортистите, учениците од општинските училишта, граѓаните на Струмица и градоначалникот, Зоран Заев, кој им даде максимална поддршка.
Тој го прими факелот на мирот, кој досега поминал низ 150 земји во светот и ја упати следната порака:Ова што се случува сега, на овој ден, е струмичко добредојде на Трката за мирот. Овде сме пред споменикот на македонскиот голем син, Гоце Делчев, на истоимениот плоштад, позната е неговата изрека, дека, Светот го гледа како поле на културен натпревар помеѓу народите, а за да постои таков вид на натпревар, пред се, мора да има благосостојба и мир помеѓу граѓаните на целата планета. Затоа, мирот не смее да биде нечиј сон, туку, мирот мора да биде сечие јаве, јаве на секој човек на планетата земја. Затоа, оваа трка денеска не е обична трка како сите други трки на кои што има победници, второпласирани, третопласирани и оние кои што се последни. Во оваа трка сите сме победници. Во тоа име, сакам денеска да кажам дека со задоволство го примам и со задоволство ќе го предадам факелот на мирот за да ја прошири светлината на мирот, хармонијата и топлината до сите земји, до сите места, да допре до секоја човечка душа. И треба да се знае дека Струмица била, е, и ќе биде на страната на мирот, рече градоначалникот Заев, кој заедно со претседателот на Советот на општината, Јосиф Христов и европскиот координатор на Трката за мир, Ренер Дипаваџан, пуштија гулаби со порака за мир.По завршувањето на пригодната програма која се одржа во чест на Трката за мир, градоначалникот, Зоран Заев, заедно со учениците од општинските училишта ја продолжија истата по градскиот плоштад, а потоа го предаде факелот на мирот и трката продоложи за Радовиш.