Општина Струмица ги презентираше резултатите од спроведувањето на проектот „Развој на алтернативни форми на туризам“ финансиран од Европската унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција. Проектот го имплементираа одделението за меѓународна соработка и европски фондови при општина Струмица и регионот Лерин од Република Грција. На завршната конференција која синоќа се одржа во хотелот „Тивериопол“, беа промовирани 3Д анимацијата за мапираните патеки, специјализираниот веб портал www.come2strumica.mk и играно – документарениот филм „Come To Strumica“. За градоначалникот, Зоран Заев, промоцијата на резултатите е уште една потврда за сериозниот и професионален однос на општина Струмица во искористувањето на европските средства.Идејата за проектот произлезе од перспективите за развој на алтернативните форми на туризам и нивните влијанија врз економскиот развој и унапредувањето на прекуграничната соработка,
а целта на истиот е промовирање на прекуграничниот регион Струмица-Лерин како идеална дестинација за алтернативен туризам. Покрај визуелниот приказ на дел од резултатите од проектот кои вечерва ги проследивме, вреди да се издвои и идентификувањето, мапирањето и категоризирањето на 25 пешачки патеки за алтернативен туризам на територијата на општина Струмица и изградбата на пешачка трим патека во должина од 700 метри, која води до сите културно–историски објекти во Банско, која е комплетно опремена. Ако кон тоа ја додадеме и подготвената Студија за проценка на состојбата во туристичко-угостителскиот сектор во општина Струмица, поставената сеопфатна туристичка сигнализација и другите реализирани активности од проектот, тогаш севкупниот заклучок би бил дека станува збор за издржан, повеќе од неопходен и одлично имплементиран проект. Ако се знае дека Струмица располага со многувековни културно-историски споменици, природни, духовни и материјални богатства, бројни спа и други капацитети, повеќе меѓународни културни манифестации од висок ранг и уште многу други особености, тогаш може да се констатира дека нашата општина е привлечна туристичка дестинација, но со овој проект кој го развива алтернативниот туризам, се дава дополнителен импулс за унапредувањето на струмичката туристичка понуда, рече градоначалникот Заев.За претставникот на Лерин, Василис Ампас имплементацијата на вакви проекти е корисна во одржувањето на пријателството помеѓу Република Македонија и Република Грција.Имавме многу успешна соработка во овој проект. Регионот на Лерин е единствен регион во Грција кој нема излез на море и затоа имавме многу сличности со Република Македонија. Имплементацијата на овие проекти беше многу корисна за нас, ИПА проектите се многу корисни и за одржувањето на пријателството меѓу општината и регионот, но исто така и за пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција, рече Василис Ампас.На промоцијата присуствуваше и Јаромир Левичек, претставник на ЕУ, кој рече дека една година е во Македонија, но жали што за прв пат е во Струмица, но инспириран од промоцијата на проектот, им вети на струмичани дека од сега почесто ќе доаѓа за да ужива во нејзините убавини.Овој е еден од 38-те проекти имплементирани во рамките на програмата за прекугранична соработка со Грција. Оваа соработка има за цел да ги отстрани пречките кои се наметнати со самото постоење на границите преку поддршката на одржлив локален развој. Програмата овозможува помош и можности за финансирање кои ќе ги приближат луѓето од двете страни на границата, поблиску едни до други. На луѓето, всушност, им се дава можност да ги подобрат условите за живеење во регионите на кои им припаѓаат. Европската унија има инвестирано 29 милиони евра во проекти за прекуграничната соработка, од кои половината се доделени за програмата со Грција, рече Левичек.Вкупниот буџет на проектот „Развој на алтернативни форми на туризам“ изнесува 340.060 евра од кои 134.160 евра се средства наменети за Општина Струмица.