Егејското маало е едно од тесните грла во општина Струмица во кое со години се развлекуваше проблемот со поплавување на куќите. Општина Струмица, деновиве интензивно работи на конечно решавање на овој проблем, по што во овој дел ќе почне изградбата на подземната и надземната инфраструктура. Градоначалникот Зоран Заев беше во Егејското маало за да види како тече реализацијата на овој зафат кој тежи над 2.200.000 денари.
Развлекувањето на проблемот со години е заради тоа што тука се уште нема донесено детален урбанистички план кој што беше прекинат во постапка, заради легализацијата на објектите и правото на граѓаните да добијат имотни листови за своите објекти. Денеска, во консолидирана активност помеѓу општина Струмица, приватниот сектор како изведувач на работите и јавното претпријатие „Комуналец“ се решава еден многу значаен проблем за жителите од ова Егејско маало. Целата оваа улица се симнува до соодветни коти, ќе се тампонира, се гради атмосферска канализација во должина од 340 метри, со што целосно ќе се одводни Егејското маало. Ова е основата за понатамошно ширење на секоја куќа во самото маало, но со овие 340 метри атмосферска канализација се решава проблемот со поплавување на граѓаните. Вкупната инвестиција е преку 2.200.000 денари, во кои „Комуналец“ партиципира со 1.160.000 денари со цевките и поставувањето на атмосферската канализација, а останатиот дел е целосно гребење на улицата, симнување до соодветна кота, нејзино повторно тампонирање и ставање во функција. Граѓаните знаат како беше со овој горлив проблем, посебно во ваква дождлива година, каква што беше оваа 2014 година. Сега ги решаваме овие крупни проблеми, а со тоа почнува развојот на подземната и надземната комунална инфраструктура на Егејското маало во Струмица, рече градоначалникот Заев.Граѓаните од Егејското маало кои со години се мачат со поплавите, му изразија јавна благодарност на градоначалникот Зоран Заев и поранешниот претседател на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.Многу му благодарам на градоначалникот што ни овозможи и ние да имаме канализација, многу години баравме, но досега никој ништо не направи. Постојано не поплавуваше, сега сме им многу благодарни и на градоначалникот и на Марјан Даскаловски, тоа што тие го прават е за голема пофалба, рече Ана Димитриева.Оваа маала постои многу години, јас сум тука веќе 25 години и сите тие години ги имаме истите маки. Никогаш не наидовме на разбирање, како сега. Многу голема благодарност до градоначалникот и до Марјан Даскаловски и до сите други кои помогнаа да се реализира ова. Имавме големи проблеми со поплавите, при секој дожд бевме поплавувани, дворот ни стануваше езеро, „Комуналец“ знае колку пати интервенираше, со вработените и другари веќе станавме, после секој дожд мораше да дојдат со цистерната затоа што водата немаше каде да оди и лежеше по дворовите, рече Сузана Арабаџиева.