Под покровителство на Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев, денеска се одржа 35-то Меѓународно рели крос со теренски возила и автомобили. Релито се одржа во реката Тркања, на адаптирана патека за овој вид на натпреварувања во должина од 1.200 метри. Учесниците во рели кросот ги поздрави и истиот за отворен го прогласи претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
Струмица многу пати досега била домаќин на повеќе меѓународни натпреварувања во разни спортови, меѓу кои и на пет европски првенства, и секогаш останувала запаметена како добар домаќин и град кој на дело го покажувал и докажувал своето гостопримство. Искрено се надевам дека така ќе биде и овој пат. Да се биде домаќин на јубилејното 35-то Меѓународно рели и рели крос со теренски возила и автомобили е вистински предизвик за Струмица, но и извонредна можност на најубав можен начин да се оправда укажаната доверба. Особено радува податокот дека за прв пат во Македонија во ова натпреварување се вклучени и автомобили и џипови олдтајмери. Се надевам дека патеката во должина од 1200 метри ќе биде вистински предизвик за зголемување на адреналинот кај учесниците и дека сите присутни љубители на рели кросот ќе уживаат во умешноста на вистинските мајстори на овој спорт, рече Христов.
На рели кросот учествувуваа 30 натпреварувачи од Македонија, Бугарија и Швајцарија кои се натпреваруваа во три категории.