Општина Струмица, денеска , со повеќе свечености го одбележа 11-ти Октомври, Денот на народното востание на Македонија и Денот на борецот. Главното чествување се одржа пред споменикот на Револуцијата во градскиот парк, каде што претставници на Советот на општината, на Сојузот на борците, на јавни институции, политички партии и здрженија положија цвеќе, а за значењето на празникот зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф
Меѓу многуте напишани и кажани зборови за овој наш празник, останало запаметено дека: “Во најубавата приказна за слободна Македонија се вградени судбините на голем број млади луѓе. Затоа, ова наше востание мора да стои на пиедесталот од креирањето на вистинската приказна за македонската република…11.Октомври е ден од македонската историја кој не само што е симбол на нашата борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на подоцнежната македонска државност. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Наша должност останува да го чуваме она за што тие го дадоа својот живот. Нашата историја не мотивира да чекориме напред и да веруваме во себе”. Токму затоа, драги сограѓани, денес имаме убава причина да му се радуваме на празникот и да бидеме горди на почитта што ја имаме за него. Во оваа свечена прилика, мора да се потсетиме дека во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија, за денешнава наша слобода својот живот го положиле 24 илјади граѓани на оваа наша земја. Ако се знае дека настаните од 11.Октомври се производ на осмислените активности на македонските борци, тогаш е сосема логично што денес одбележуваме двоен празник. Денот на востанието на македонскиот народ и Денот на борецот се две компатибилни нешта, две нераскинливи алки од македонската низа кои меѓусебно се надополнуваат. Да се зборува за едната независно од другата, едноставно е невозможно. За таквата историска симбиоза претставува задоволство, чест и гордост да се зборува и со тоа да се оживуваат настаните од борбената епопеја на Македонија и македонскиот народ, рече, меѓу другото, претседателот на Советот, Јосиф Христов.
Во чест на празникот беше изведен рецитал од членовите на рецитаторската секција од Домот за деца и млади „Благој Мучето“, а беше промовирана и монографијата „Бунтовна младост“ од Иван Станоев.
Во рамките на одбележувањата на празникот 11-ти Октомври, се одржаа ноќни трки за учениците од основните и средните училишта во градскиот и турнир во мал фудбал за деца родени 2006 година и помлади.