Општина Струмица денеска регираше на отчетот за сработеното во првите 100 дена на Владата на Република Македонија. На прес конференцијата, Ристо Секулов, советник за спорт во општината, посочи дека не е точно наведеното во отчетот дека Агенцијата за млади и спорт во Струмица гради игралиште со вештачка трева. Напротив, вистината е дека игралиштето го гради општина Струмица во соработка со Фудбалската федерација на Македонија. Вкупниот буџет на проектот изнесува 430 илјади евра, од кои 330 илјади евра ги обезбедува општина Струмица од сопствениот буџет, а останатите се донација преку ХЕТ ТРИК програмата на УЕФА. Агенцијата за млади и спорт во изградбата на игралиштето нема вложено ниту еден денар.
Општина Струмица реагира на Отчетот на Владата за наводно реализираните проекти во нашата општина во првите сто дена од нејзиното работење. Имено, во таквиот отчет меѓу другото стои дека Агенцијата за млади и спорт во Струмица гради игралиште со вештачка трева по европски стандарди. Општина Струмица како професионална, сериозна и транспарентна институција, одговорно тврди дека аргументите за изградбата на игралиштето не одат во прилог на вистината во Отчетот на Владата. Имено, игралиштето со вештачка трева во нашиот град го гради Општина Струмица во соработка со Фудбалската Федерација на Македонија. За нештата да бидат појасни, треба да се знае дека на товар на општината се сите градежни активности на игралиштето во кои спаѓаат адаптација на теренот, приклучување на водоводната и електричната мрежа, оградување, осветлување, поставување на трибини, рефлектори и соблекувални. Целокупниот проект чини 430 илјади евра, од кои 330 илјади ги обезбедува Општина Струмица од сопствениот буџет, а останатите 100 илјади во делот на вештачка трева, се донација од Фудбалската Федерација на Македонија, преку ХЕТ ТРИК програмата на УЕФА за развој на фудбалот. Тоа значи дека Агенцијата за млади и спорт се јавува само како иницијатор, а во изградбата на игралиштето нема вложено ниту еден денар.