Велигденски хуманитарен концерт, кабаре шоу „Самит на ООН“, едукативни работилници за борба против зависностите на денешнината, разубавување на градот со графити, порака за мирољубие, пеинт бол, се само дел од предлог проектите кои младите на Струмица синоќа ги презентираа пред градоначалникот Зоран Заев и дел од членовите на Советот на општина Струмица. Овие проекти ја сочинуваат програмата за работа на Младинскиот совет за 2015 година.
Ова уште еднаш го потврди партиципативното учество на граѓаните на Струмица во креирањето на буџетските програми за 2015 година, а доаѓа по четирите форумски сесии на кои граѓаните ги даваа своите предлози и средбата на градоначалникот Зоран Заев со претставниците на здруженијата на лица со посебни потреби на која се утврдуваа приоритетите за новата буџетска година. Презентирани беа вкупно 15 предлог проекти кои беа образложени од ученици од средните училишта.Самото креирање на идеите, пресметки, калкулации, навистина вреди за поздравување. Општинската администрација и секако јас како градоначалник тоа ќе го поддржиме, но денеска ми е драго што овде се и голем дел од советниците, го следеа вашето презентирање и верувам дека тоа од сите советнички групи ќе биде поддржано, иако дел од сумите може да се промени нешто, а тоа значи не помалку, туку повеќе, но секако тоа не се големи средства за идеите на младите луѓе. Добро е што младите имаат свои замисли и свои идеи, јас сакам да ве охрабрам како градоначалник да продолжите со креирањето на идеите. Нели велиме иднината останува на младите луѓе, треба вие да ја создавате уште сега додека сте млади, оти на тој начин ќе го подготвите и нашето општество за вашето доаѓање. Така ве охрабрувам лично да продолжите со креирање на идеи, а не криза е, каква и да е кризата пари ќе најдеме да ги реализираме сите овие ваши проекти, рече градоначалникот Заев.