Денеска во салата за седници на Советот на општина Струмица се одржа прес средба со членовите на делегацијата на градскиот округ Електростаљ од московската област на Руската федерација, која е во петдневна официјална посета на општината. На средбата, покрај претставниците на медиумите и гостите од збратимениот Електростаљ, присуствуваа претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, членови на Советот и претставници на општинската администрација.
Претседателот на Советот, Јосиф Христов, откако ги претстави членовите на делегацијата, информираше за досегашниот тек на посетата, а гостите ги презентираа впечатоците од неколкудневниот престој во Струмица.Елена Миткина, раководител на секторот за образование на Електростаљ, рече дека е голема чест да се биде гостин во градот Струмица. Се заблагодари на градоначалникот, Зоран Заев и на Советот на општината, кои што ја овозможиле оваа посета.Нашите впечатоци се прекрасни. За овие неколку денови во Струмица видовме и почувствувавме големо гостопримство и срдечност. Восхитени сме од љубовта на вашиот народ кон својата земја и својот град, од љубовта на родителите кон своите деца, но и од љубовта кон децата во градинките и училиштата кои што ја имаат воспитувачите и наставниците. Посетивме неколку училишта, градинка, здравствени установи, каде се запознавме со начинот на работата, што беше и цел на посетата, но ги посетивме и манастирите во Вељуса и Водоча, воодушевени сме од нив. Исто така, бевме и во библиотеката, таму, преку руско катче, на граѓаните на Струмица ќе им подариме класична и современа руска литература, а за време на летниот рапуст планираме размена на ученици. Ќе бидеме многу среќни кога ќе ги реализираме овие, но и другите планови кои ги имаме, а кои ќе ја зајакнат соработката меѓу нашите градови, рече Миткина.Гостите од Електростаљ одговараа и на новинарски прашања. Новинарите посебно се интересираа за соработката во економијата, образованието и организацијата на здравствениот систем во Електростаљ.На денешната прес средба беше потенцирано продлабочувањето на соработката во повеќе области, а главен акцент на следната средба, која во јануари идната година ќе се случи повторно во Струмица, ќе биде ставен на соработката меѓу бизнис секторот на Струмица и Електростаљ.