Почитувани мои сограѓани,
Во миговите кога сме сведетели на заминувањето на последните денови, часови и минути од оваа веќе остарена 2014 година, а во пресрет на Новата 2015 година, чувствувам потреба да Ви се обратам и да ги споделам со Вас моите предновогодишни чувства. Преминот од старата во новата година, иако трае само еден миг, едно трепнување на окото, една воздишка или еден кажан збор, сепак претставува чин кој во себе содржи многу човечки емоции, исполнети со возбуда, надежи, очекувања, желби, предизвици и верба во поубаво утре. Во исто време таквите емоции се помешани со сознанието дека менувањето на нашите животни календари, не значи и суштинско менување на одредени текови и состојби. Тоа ни дава до знаење дека треба да бидеме свесни за нашите можности и влијанија во поглед на менливоста.Тоа ни дава до знаење, дека ако сакаме нештата да се менуваат на добро, треба најпрвин самите да се менуваме на добро. Во ова време-невреме ваквата промена на добро, треба за сите нас да претставува насушна потреба. Како резултат на нештата кои се такви какви што се, општ е впечатокот дека иако доаѓа Нова година, севкупниот амбиент е таков, како таа воопшто да не доаѓа. Зошто е тоа така, на сите ни е совршено јасно. Живееме во општество во кое владее апатија, безнадежност, очај, немаштија, страв, несигурност и тага за залудно изгубеното време. Една по една, годините доаѓаат и си заминуваат, а животот е само еден и само наш. Токму затоа, мора да и погледнеме на вистината в очи, мора да се подисправиме и да да сториме конкретен исчекор, нашето севкупно достоинство, скалило по скалило, да го кренеме до висината која ја заслужуваме. На тој начин, новата мугра и новиот ден ќе ги облечеме во ново руво кое ќе значи нов амбиент на живеење за нас и за нашите деца. Ако Новата година е нашата нова надеж, тогаш да ги оставиме старите лоши навики во старата година, како стари испрашени чевли пред вратата, за да го пречекориме прагот кој ќе значи влез во поубава иднина. Да не дозволиме минатото да ни ја украде сегашноста, но истовремено не смееме да дозволиме сегашноста да ни ја украде иднината. Каква ќе биде таа иднина, зависи исклучиво од нас.Драги сограѓани, изминува уште една година во која продолжи убавата приказна наречена Струмица. Иако секогаш може подобро, повеќе и поубаво, сепак заеднички испишавме нови убави страници од таа приказна. Но треба да се признае дека приказната не ја сочинуваат само градбите, улиците, зеленилото и другите нешта од нашето опкружување. Душата на Струмица и ја даваат струмичани. Но Вашиот дух, од разбирливи причини не е на посакуваното ниво. Тоа мора да го промениме. Во добар град и добра општина, треба добро да се живее, за да биде се на своето место, за да биде комплетен добриот впечаток. А за да биде така, мораме да се избориме. Животот не е книга која некој друг ќе ни ја напише по свој терк, а ние само треба да ја читаме. Не, таа книга треба заедно да ја пишуваме, за да биде добра урнек по кој ќе пишуваат и идните генерации струмичани. Зборот „заедница“ доаѓа од зборот „заедно“. Тогаш, ајде заедно да ги вратиме старите подзаборавени човечки вредности и да им дадеме нова современа димензија. Ајде да се сакаме, да се почитуваме, еден на друг да си мислиме само добро, да си подаваме рака, да си помагаме. Ајде да се радуваме на радоста на другиот и да тагуваме за тагата на другиот. Суетите нека не бидат наш знак за препознавање, а убавиот збор нека не биде луксуз или раритет. Насмевките струмички, песните струмички и струмичкото добредојде, нека повторно станат наше секојдневие. Во такво секојдневие, полесно се создава позитивна енергија за прогрес и благосостојба.Со верба во тие нешта, Ви ја честитам Новата 2015 година, посакувајќи Ви добро здравје, достоинствен живот, лична и семејна среќа и хармонија, и многу, многу меѓусебна љубов. За многу години нека ни се празнувањата.