Преку проектот „Јакнење на меѓуетничката соработка во општините“, имплементиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје (МЦГО), финансиски поддржан од страна на Детската фондација Песталоци и општина Струмица, во општинските основни училишта „Маршал Тито“ во Струмица и „Маршал Тито“ во селото Муртино се реализираа заеднички часови со учениците кои следат настава на македонски и турски јазик.
За учениците од одделенска настава од наставниот предмет Општество, интересни беа наставните содржини поврзани со симболите на општина Струмица, а учениците од предметна настава од наставниот предмет Граѓанско образование, посебен интерес покажаа за институциите на Европската унија и значењето на средствата за информирање во современото општество. Целта на овие заеднички часови произлегува од планираните активности за меѓусебно дружење, заедничко учење, учење едни од други и активно вклучување на локалната заедница во работата на училиштата на планот на меѓуетничката соработка и интеркултурна комуникација. На заедничките часови, присуствуваше и Ацо Ѓоргиев, член на Советот на општина Струмица, кој интерактивно учествуваше во поддршка на планираните активности.