Екипи на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“, денеска, поставија антипаркинг опрема на сите влезови на плоштадот „Гоце Делчев“. Целта е да се спречи зачестената злоупотреба на пристапните влезови и да се ограничи движењето на моторните возила кои во последно време предизвикаа сериозни оштетувања на гранитните плочки на плоштадот.
Од ЈП „Паркиралишта Струмица“ ги информираат сопствениците на трговските и угостителските објекти дека доставувањето на стока за нивните потреби ќе може да се врши претпладне во периодот од 6 до 10 часот и попладне од 16 до 19 часот. Од таму додаваат дека во случај на итна интервенција, клучеви од антипаркинг опремата се доставени и до Секторот за внатрешни работи во Струмица, Територијалната професионална противпожарна единца и Брзата помош и тоа на два влеза, на улицата „Благој Јанков Мучето“ кај ПроКредит банка и на улицата „Јосиф Јосифовски Свештарот“ пред кафетеријата Маф Маф. Се апелира до сопствениците на трговските и угостителските објекти да го почитуваат временскиот рок за достава на стока.