Струмица по тринаесетти пат е домаќин на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој годинава се одржува под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“, а кој има континуирана поддршка од општина Струмица. Свеченото отворање се случи синоќа на големата сцена во центарот за култура „Антон Панов“, а фестивалот за отворен го прогласи вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.Време е за ново издание на фестивалот, кој во 2005 година само навидум започна по малку срамежливо.
Тој почеток, сепак беше исполнет со многу љубов , надеж и силна верба дека ќе се успее во намерата, тој фестивал да стане респектабилна филмска манифестација во Македонија, а Струмица да биде цврсто позиционирана на меѓународната филмска мапа. И така од година во година, сонот стануваше се поубаво јаве, вербата се поголема, а успехот – неминовен епилог. Под струмичкото ѕвездено небо на некогашниот Астраион, АстерФест блеснува како еден од најзначаните културни белези на овој наш град кој изобилува со докажани меѓународни културни манифестации. Ако кон тоа ги додадеме и другите ангажмани на полето на седмата уметност на „Тивериополската филмска алијанса“, како и последните успеси осведочени со неколку награди од меѓународни филмски фестивали, кои ги доби филмот „Златна петорка“ на нашиот сограѓанин, режисерот Горан Тренчовски, идејниот творец на АстерФест, тогаш може да се констатира дека Филмот во Струмица е жив и дека тој достигнува високи позиции во нашето севкупно културно милје. Оттука, континуираната поддршка што овој фестивал ја има од општина Струмица во сиве овие 13 години, од самиот почеток до ден денешен, е само уште еден доказ дека Општината знае да ги препознае вистинските културни вредности и да даде свој влог во нивното негување и унапредување. Оние кои стојат зад овој фестивал и оние на кои им е наменет АстерФест, треба да бидат уверени дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина. АстерФест годинава го празнува краткиот и документарен филм другарувајќи со бројот 13. Тоа е факт. А мислењето дека бројот 13 е несреќен број, тоа е фикција. Под мотото „Меѓу фактот и фикцијата“ овој фестивл има намера и овој пат да не направи среќни. Со уверување дека ќе успее во тоа, 13-от АстерФест го прогласувам за отворен, рече Костадинов.На првата фестивалска вечер беа доделени наградите на годинашните лауреати Џеки Шепард и Коле Ангеловски, а во петте фестивалски денови ќе бидат прикажани вкупно 40 ексклузивни кусометражни играни и документарни филмови во повеќе категории.