Во организација на Општинскиот и Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, а во соработка со Црвен Крст, Младински Совет и со присуство на ученици од основните и средните општински училишта, се одржа едукативна трибина од областа на сообраќајната култура.
Посебен осврт беше даден на видовите на повреди кои настануваат како последица од несовесното однесување на патиштата и што претставува причина број еден која што го загрозува животот и здравјето на младите лица.На присутните им се обрати лице во инвалидска количка, со личен пример за здобиена телесна повреда од сообраќајна несреќа поради недозволена брзина, а беа прикажани и повеќе видео клипови со едукативна содржина. Учениците ги испробаа таканаречените „пијани очила“, кои всушнот даваат илузија на состојбата на пијанство или користење опојни дроги и неможноста за управување со моторно возило. На крајот од трибината присутните беа запознати со законските одредби кои ја регулираат материјата за одговорното и безбедно однесување во сообраќајот на сите учесници, а посебно на младите возачи.Општина Струмица во делот на безбедноста на сообраќајот на патиштата, а во рамките на нејзината надлежност, секоја година обезбедува средства за подобрување на инфраструктурните услови на раскрсниците, околу воспитно-образовните установи, а непосредно учествува и во организација на кампањи, трибини и натпревари на децата и младите од сообраќајната култура.