Синоќа во фоајето на центарот за култура „Антон Панов“ беше отворена изложбата на уметничка фотографија „Будење“. Изложбата е во рамките на истоимената кампања која стартуваше на првиот пролетен ден кога се одбележува и светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
Без разлика дали попреченоста е вродена или стекната, очигледна или невидлива, секојдневието на овие деца е малку поинакво. Тие на поинаков начин ги остваруваат своите соништа. И тоа не ги спречува да сонуваат, напротив! Нивната посебност се состои во нивните способности, не во пречката во развој. Да го започнеме ова „БУДЕЊЕ“ заедно! Различноста е убава“ ова е пораката упатена од изложбата до сите граѓани за создавање на подобро, пофункционално и похумано општество.Кампањата „Будење“ е организирана од Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „ВЕРА“ и Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби, а уметничкиот дел е дело на фотографките Ирена Мила и Елена Фидановска, илустраторката Верица Пиперевска и медиумскиот соработник Иванна Хаџиевска. Кампањата финансиски е поддржана од општина Струмица, со што градоначалникот Зоран Заев и Општината уште еднаш ја потврдија континуираната поддршка на лицата со посебни потреби.