Со првите снежни врнежи, општина Струмица, започна со активностите кои во континуитет се реализираат до денеска, а согласно Програмата за одржување на улиците и локалните патишта“ потенцираше на денешната прес конференција, секретарот на општина Струмица, Кирил Парталов. Тој преку медиумите, ја информираше јавноста за сите активности и преземени мерки за справување со последиците од снежните врнежи и ниските температури во изминатите денови.
Слободно можам да кажам дека општина Струмица навремено реагира на овогодинешниот снег и поларните температури. Во овој период се чистат сите главни, фреквентни улици во градот, пешачките патеки, како и локалните патишта према сите населени места со цел истите да бидат достапни и проодни, а согласно Програмата за одржување на улиците и локалните патишта во општина Струмица. За таа цел веќе седми ден освен ЈКПД „Комуналец“ Струмица и Територијалната професионална противпожарна единица –Струмица, а од кои се ангажирани 8 возила, ангажирана е и дополнителна механизација на скоро сите градежни оперативи во Струмица со 10 возила. Значи сите улици во градот како и локалните патишта се чистат секојдневно и во континуитет. Освен тоа, екипите на „Комуналец“ дополнително вршат чистење на тротоарите и другите јавни површини во градот. Морам да спомнам и за одредени потешкотии со кои се соочува механизацијата при чистењето на улиците, а тоа е дека одредени улици не можеа да бидат соодветно или целосно третирани, односно, исчистени поради паркираните возила на истите. Досега на улиците екипите на ЈПКД „Комуналец“ потрошија околу 20 м2 ризла и 25 тони сол. Локалните патишта до сите населените места се проодни и сообраќајот по истите се одвива непречено. Посебно би го нагласил патниот правец кој од регионалниот пат води према Попчево и Рич, кој патен правец е од регионален карактер и чистењето треба да биде грижа на државните институции, меѓутоа, ние водејќи грижа за сите населени места во општина Струмица, и овој патен правец редовно го одржуваме. На крај би ги повикал и апелирал, сите граѓани, односно, сопствениците или корисниците на објекти, да ја исчистат снежната маса пред овие објекти како и пред своите домови, рече Парталов.