Во организација на општина Струмица, по иницијатива на МВР-СВР од Струмица во Дом на АРМ во Струмица, во рамките на надлежноста на Локалниот совет за превенција, се одржа работна средба на институциите кои превземаат мерки и активности за превентивно делување во врска со заштитата од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор со претставници од ТППЕ Струмица, како единствена организирана форма во општина Струмица која е надлежна за гасење на пожари.
На средбата беше разгледана актуелната состојба, со заклучок дека на пошироката територија на општина Струмица во овој период нема пожари од поголем размер, освен еден кој се случил меѓу населените места Баница и Водоча. Заедничка заложба на сите претставници беше да се почитуваат посочените предупредувања до сите граѓани, а особено: да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари, да се почитува забраната за движење низ шумите и зголемена будност и внимателност заради превенција од пожари кои би предизвикале општа опасност и загрозување на животот, здравјето и имотот на граѓаните. Посебно беше потенцирана потребата од унапредување на соработката на државните со општинските институции, обезбедување и размена на податоци за полесна комуникација и проактивен пристап преку едукација на населението, со вклучување на месните заедници од руралните средини, ловечките, еколошките и планинарските друштва.