На најголемиот светски саем и најважната бизнис платформа на прехранбената индустрија – „Ануга”, кој се одржа во периодот од 7ми до 11ти Октомври 2017 година во Келн, Германија повеќе од 7.400 компании од 107 земји во светот ги претставија своите производи во текот на петдневниот саем. Покрај официјалниот дел од саемот, во текот на саемските денови, имаше и богата придружна програма на која присуствуваа претставници на општините Струмица и Кичево, Република Македонија.
Како дел од придружната програма на саемот „Ануга”, во рамки на проектот „Бизнис Мрежа С-К-К”, беше реализиран и настанот „Движи се напред – Бизнис соработка со Македонија!”. Главната цел на овој настан беше промоција на можностите и потенцијалите за инвестирање во општините Струмица и Кичево – проектни партнери од Република Македонија во гореспоменатиот проект. При посетата на саемот, покрај промоцијата на инвестициските можности на организиран едночасовен настан, дополнително беше направена и директна промоција на истите на повеќе од 50 штандови во саемските сали. Сите компании кои беа заинтересирани за соработка со општините Струмица и Кичево, па и пошироко во Република Македонија, беа запознаени со сите специфичности и поволности при инвестирање во нашата држава. Исто така, беше промовиран и Бизнис каталогот на извозно – ориентирани претпријатија од двете општини во рамки на штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Овде, сите посетители беа запознаени со претпријатијата кои имаат потенцијал за извоз, нивните производи и услуги и сите други потребни информации за понатамошна соработка. Последна, но не и најмалку важна придобивка од посетата на саемот „Ануга“, беше и поврзување на Канцеларијата за поддршка на деловните субјекти со повеќе организации, асоцијации и агенции од странство кои имаат иста цел – поддршка на развојот на претпријатијата и поттикнување на соработка на глобално ниво со што придонесуваат за зајакнување и развој на својата држава на економски план. Посетата на престижниот светски саем „Ануга“, придонесе за промоција на општина Струмица и општина Кичево како поволни бизнис дестинации пред повеќе компании и посетители и донесе искуства од компании и бизнисмени кои се „клучни играчи” на глобално ниво. Со тоа се придонесе и за вмрежување на локалните претпријатија со потенцијални деловни соработници од целиот свет.