Комисијата за подигање на спомен обележја при Советот на општина Струмица ги одбра идејните решенија за Споменик на Цар Самуил и Споменик на Бранителите од 2001 година од Струмичкиот регин.
За најдобро идејно решение за Споменик на Цар Самуил е избран трудот на Анѓел Коруновски од Велес. Авторот на трудот ќе добие награда во износ од 60.000 денари.
Објаснување од авторот за симболиката на споменикот: “Одлучив царот да изгледа достоинствено со тажен уморен израз на лицето, седнат на камен. Фигурата на ослепен изнемоштен војник кого нозете повеќе не го држат, со последни сили се довлечкал со единствена желба да проговори за ужасите кои се случиле во последната битка. Војникот е поставен до царот со глава поставена на неговиот скут, едната рака на царот го придржува да не падне, а другата му ја придржува главата како да сака да му ја ублажи болката. Царот гледа немо пред себе, сака да каже нешто утешно, но не наоѓа зборови кои би имале смисла во тој момент.” Споменикот на Цар Самуил ќе биде поставен во Градскиот парк во делот измеѓу Спортската сала и Градскиот стадион.
За најдобро идејно решение за Споменик на Бранителите од 2001 година од Струмичкиот регин, комисијата го избра трудот на Филиповски Димитар од Скопје. Авторот на трудот ќе добие награда во износ од 30.000 денари.
Објаснување од авторот за симболиката на споменикот:
“Скулптурата наменета на бранителите од Струмичкиот регион претставува една жена –пеперутка. Пеперутката е симбол на повторно раѓање, на новиот живот. Симболиката е многу јака и полна со пораки кога ке ја употребиме со нејзината најака визуелна вредност. Главната точка моментот на фокусирање, на окото на гледачот кај оваа скулптура се наоѓа кај динамичната линија на жената, особено забележлива од профил и гледана од далечина. Всушност тоа е претстава на еден т.н. феникс, кој се издигнува од пеколот и продолжува да живее, исто како и почитта кон бранителите Јанев Атанас и Китанов Коле.”
Споменикот ќе биде поставен на Булевар Маршал Тито пред ЈП за стопанисување со стамбен и деловен простор, ќе биде висок 3 метри, и на постаментот на скулптурата ќе стои бронзена плоча со натпис: “Во чест на Јанев Атанас и Китанов Коле – Бранители кои ја сакаа татковината”.