Од 2 мај започнува запишувањето на децата во прво одделение во општинските основни училишта
Запишувањето на децата во прво одделение во основните училишта во општина Струмица за учебната 2023/2024 година ќе се реализира во месец мај.
Во прво одделение на основното училиште родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската 2023 година ќе наполни шест години. Родителот може да го запише детето во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари 2024 година, но по претходно добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.
При запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот, е должен да достави потврди за примените задолжителни вакцини за детето, офталмолошки и стоматолошки преглед, издадени од надлежна здравствена установа.
Запишувањето на детето, на барање на родителот, односно старателот, здравствената установа може да го одложи за една година ако се утврди дека детето не е подготвено да оди на училиште. Децата кои не се вклучени во настава, а се со надмината возрасна граница, може да се запишат во основно училиште согласно член 14 од Законот за основното образование.
И во новата учебна година, а согласно Одлуката на Советот на општина Струмица бр.08-10359/1 од 30.12.2022 година, продолжува доделувањето на еднократна парична помош на семејства со првачиња запишани за прв пат во општинските основни училишта.
Родителите/старателите на сите првачиња кои за прв пат ќе се запишат во основните училишта во општина Струмица, можат да поднесат Барање до Градоначалникот на општина Струмица, заедно со потребната документација, објавена во прилог, во периодот од 02.05.2023 до исполнување на предвидениот број, а најдоцна до 30.11.2023 година.
Изјава за давање согласност за користење на лични податоци 23-24