Градоначалникот Коста Јаневски на денешната прес конференција информираше за проектните активности на проектот „Заштита на локалното население од општините Петрич и Струмица од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот”, кој е финансиран од фондовите на Европската Унија преку ИНТЕРРЕГ – ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија.
Во проектот предвидено е набавка на модуларен систем, односно, повеќенаменско возило со голема проодност, кое ќе се користи за поплави и шумски пожари и ќе овозможи зголемена безбедност и заштита на населението, како и подобрена институционална подготвеност за заштита и спречување на природни непогоди и катастрофи. Постапката за набавка е во завршна фаза и очекуваме дека до јануари следната година ова повеќенаменско возило да биде ставено на располагање на надлежните институции при општина Струмица. Другиот дел од проектот е насочен кон подигање на свеста кај младите лица и општо на пошироката јавност со цел спречување и управување со ризици од катастрофи и непогоди, последиците од климатските промени, како и превенција и справување со кризни ситуации.