Денеска се одржа втората седница на Советот на општина Струмица

Денеска се одржа втората седница на Советот на општина Струмица

Членовите на Советот на општина Струмица денеска ја одржаа втората седница на којашто присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков.

На седницата беше усвоен предлог планот на Програмите за развој за 2026 година во кој влегуваат капиталните програми на општината и  најголем дел од развојните програми стануваат составен дел на буџетот за 2026 година иако до крајот на годината постојат можности да се дополнат или постојаните да се изменат со нови проекции.

Зелено светло советниците дадоа и за кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за третиот квартал од 2025 година. Според извештајот  којшто го презентираше претседателот на Комисијата за финансии, буџет и локален економски развој Владимир Ристов, во овој квартал вкупните приходи во општина Струмица се реализирани со 68,10 проценти од планираните. Вкупните приходи го сочинуваат основниот буџет кој е реализиран со 67,61 процент, наменските дотации со 73,64 проценти, самофинансирачките активности имаат реализација од 48,01 процент и донациите имаат реализација од 21,70 проценти од планираното. Во однос на расходниот дел, вкупните оперативни расходи се реализирани со 70,28 проценти, а капиталните расходи се реализирани со 58,29 проценти во однос на планираните во буџетот за 2025 година.

На денешната седница беа усвоени и предлог програмите за измена на Програмите на општина Струмица за 2025 година и измените на Правилникот за доделување на стипендии за ученици од основните и средните училишта во општина Струмица за една наставна година, кои се од техничка природа.

Во однос на стипендиите градоначалникот на општина Струмица Петар Јанков, рече дека сумата којашто е предвидена ќе остане иста како во минатата година, но во следниот период се планира таа сума да се зголеми, бидејќи иднината во младите е иднина во сите нас.

Советникот Методи Иванов беше избран за член на Советот на општина Струмица кој ќе учествува во процесот на одлучување за прашања на конфликт на интереси на Градоначалникот на општина Струмица.

Советниците ги усвоија и измените и дополнувањата во годишните планови за вработување во ООУ „Никола Вапцаров“ и СОУУД „Димитар Влахов“ за 2026 година, Програмата за работа на општинската јавна установа – Отворен граѓански универзитет за доживотно учење „Јоска Свештарот“ Струмица за 2026 година, а ги донесоа и предлог – одлуките за доделување парична помош на Славица Димитриевска и Зорица Јованов, двете од Струмица.

Денешната седница директно се пренесуваше на општинскиот youtube канал: