Со извршениот технички прием заврши реализацијата на проектот „Замена и инсталација на куќни ултразвучни водомери со надоградба на опрема за далечинско мобилно отчитување и интеграција на водомерите во систем за далечинско отчитување и проширување на гасоводна секундарна дистрибутивна мрежа во Општина Струмица”.
Овој проект е дел од програматa за финансиски средства во форма на под-заеми од Светска Банка преку Министерство за финансии, а во рамките на вториот проект за подобрување на општинските услуги МСИП2. Временската рамка за реализација на овој проект беше 12 месеци од 15.05.2020 до 15.05.2021 година. Истиот се реализираше од страна на Одделението за ЛЕР при општина Струмица и во континуирана и професионална соработка со ЈПЕД „Струмица ГАС“ и ЈПКД „Комуналец“.
Според Софче Иванова, менаџер на проектот, во текот на реализацијата од страна на изведувачот ДГТ Жикол Струмица и ДООЕЛ Техноскоп Скопје, градежните активности се одвивале според однапред подготвениот динамички план и согласно плановите за заштита на животната средина и планот за превенција од Ковид 19.
-Во рамките на овој проект се изврши проширување на секундарната гасоводна мрежа и замена на куќните водомери. Во делот за замена на куќни водомери беше извршена замена на постоечките стари водомери кои според претходно направените анализи од страна на ЈПКД „Комуналец“ покажуваа големи загуби на вода и нереална потрошувачка која е на штета и на корисниците и на комуналното претпријатие, се заменија вкупно 7.000 нови, од кои 6.950 куќни хоризонтални и вертикални водомери и 50 индустриски водомери. За истите се набави нова софтверска опрема и се изврши надградба на опремата за далечинско мобилно отчитување и интеграција на водомерите во систем за далечинско отчитување. Замената на водомери се изврши во седум реони во општина Струмица, односно во реоните 1, 3, 4, 5, 7, 8 и 10, во кои спаѓаат индивидуално куќи, поголем број на згради за колективно домување и 50 индустриски објекти. Со опремата како и со водомерите ќе стопанисува како и досега ЈПКД „Комуналец“ Струмица. Втората активност од проектот беше проширување на секундарната гасоводна мрежа во Општината. Оваа активност се одвиваше во вкупно десет урбани блока на 24 улици во градот Струмица со вкупна должина од 6.541 метар, рече Иванова.
Вкупната вредност на под-заемот од Светска Банка со кој се реализираше овој проект е во износ од 91.599.393,20 денари со ДДВ.
Градоначалникот Коста Јаневски прави напори за реализација на уште еден проект во соработка со ЈПКД „Комуналец“ со кој би се замениле сите водомери и целосно ќе се дигитализира овој систем, а со ЈПКД „Струмица гас“ ќе продолжи и проширувањето на гасоводната мрежа со што ќе се придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во Струмица.