Градоначалникот Коста Јаневски со своите соработници и претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, денеска, изврши увид во изградбата на мостот на реката Турија на локалниот пат Просениково – Сарај. Се работи за класичен регионален проект којшто треба да ги поврзе сообраќајно и да ги подобри комуникациите меѓу општините Струмица, Босилово и Василево.
Направивме опсежен проект бидејќи овој мост треба да одолее на сите предизвици коишто евентуално би можеле да се случат во иднина. Изработен е по сите норми на современо проектирање, ќе биде долг околу 25 метри со ширина 8 метри, 6 за сообраќајницата во два смера и по еден метар тротоар за пешаците и дополнително ќе претстои корегирање на пристапот, односно, асфалтирање на пристапниот пат од двете страни на мостот по околу стотина метри од едната и другата страна. Овој проект го сработи општина Струмица бидејќи се наоѓа на нејзина територија, го аплициравме преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион кој на советот беше изгласан како приоритетен и се аплицираше во Бирото за регионален развој од каде што успеавме да обезбедиме средства во висина од околу 10 милиони денари, а останатите повеќе од 4,5 милиони денари ги обезбедува општина Струмица вклучително и претходното проектирање и обезбедување надзор, значи тоа е еден комплексен проект во кој општина Струмица сериозно учествува. Решаваме повеќегодишен проблем, обезбедуваме поврзување на три општини во нашиот микро регион и исполнуваме едно повеќегодишно барање на нашите сограѓани. Предвиден рок за изградба 6 месеци. Во ова населено место до скоро се работеше на канализациониот систем кој исто така е еден капитален проект, а ни претстојат и други предизвици кои ќе ги вклучиме во следните наши активности, а тоа е санација и корекција на улиците во населеното место и пристапот од градот кон ова населено место, рече градоначалникот Јаневски.