Избрани најдобрите спортисти, тренери и екипи на Струмица за 2025 година

Избрани најдобрите спортисти, тренери и екипи на Струмица за 2025 година

Под покровителство на градоначалникот Петар Јанков и Советот на општина Струмица, а во техничка организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица, вечерва во хотелот „Сириус“ по 63-ти пат се одржа традиционалната манифестација на која беа избрани најдобрите спортисти, тренери и спортски екипи за 2025 година.

Градоначалникот Петар Јанков ги поздрави присутните и им честиташе на наградените за постигнатите резултати, при што на дел од нив лично им ги врачи признанијата.

„Струмица е град кој дал големи спортски имиња. Нашата мисија е да создадеме услови идните генерации да бидат нивни достојни наследници. Во изминатите неколку месеци од мојот мандат направивме конкретни чекори во таа насока. Изградено е повеќенаменско спортско игралиште во дворот на гимназијата ‘Јане Сандански’, простор кој веќе го користат младите и кој претставува уште еден доказ за нашата посветеност кон спортот. Во иднина ќе продолжиме со вложувања во нови спортски простори и во унапредување на постојните, со цел спортот да биде достапен за сите – и за младите и за повозрасните, и за рекреативците и за професионалците“, истакна градоначалникот Јанков.

Изборот беше поделен во две главни категории – екипен и индивидуален спорт, како и подкатегорија „спортска надеж“.

Во индивидуалниот спорт, за спортист на годината беше прогласен Петер Велков од КБК „К1 Арена“.
Во екипниот спорт, во женска конкуренција признанието го доби Софија Пандева од ОК „Наковски Волеј“, додека во машка конкуренција спортист на годината е Филип Маџунков од ОК „Струмица 47&72“.

За најдобри млади спортисти во индивидуален спорт беа прогласени Катја Поп-Николова од ШК „Цареви Кули“ и Филип Пасков од КК „Шихан“.
Во екипниот спорт, за најдобри млади спортисти се избрани Ивана Милева од ОК „Наковски Волеј“ во женска и Јован Милев од ОК „Струмица“ во машка конкуренција.

Сениорските состави на ОК „Струмица“ и КБК „Тим Зоран“ се избрани за најдобри екипи на Струмица за 2025 година во екипна и индивидуална конкуренција.
За најдобра младинска екипа е прогласен ФК „Академија Пандев Брера“ (пионери).

Во категоријата тренери, за најдобар тренер во индивидуален спорт е избран Зоран Спасов од КБК „Тим Зоран“, а во екипен спорт признанието го доби Александар Митев од ОК „Наковски Волеј“.
За најдобар тренер во младинска категорија – индивидуален спорт е прогласен Атанас Василев од КК „Шихан“, додека во екипниот спорт наградата ја доби Мартин Алаѓозовски од ФК „Академија Пандев Брера АД“.

Со оваа традиционална манифестација, Струмица уште еднаш ја потврди својата силна спортска традиција и континуираната поддршка на талентите и спортскиот развој во општината.