Градоначалникот Костадин Костадинов и претседателот на Советот на општина Струмица Марјан Даскаловски, престојуваат во работна посета на Италија.
На промоцијата на Првата италијанско – македонска стопанска комора АПИ НОРДЕСТ во Тревизо, на којашто учествуваа бизнисмени и претставници на локалната и централната власт на Италија и Северна Македонија, градоначалникот Костадинов ја промовираше Струмица со сите нејзини потенцијали и можности, особено квалитетното земјоделско производство од струмичкото поднебје, а главниот акцент го стави на поволностите кои што ги нуди Општината за инвеститорите и локалниот економски развој.
За посебниот влог во официјалното стартување на комората, градоначалникот Костадинов доби признание од претседателот на АПИ НОРДЕСТ, Мумир Шемши.
Со посебна гордост ја промовирав нашата Струмица во Тревизо, Италија, Зборував за нејзините успешни практики, потенцијали и можности коишто ја прават најсилна општина во нашата држава. Се гордеам со нашата Струмица, со нејзиниот огромен потенцијал и моите вредни граѓани, каде и да одам има што да кажам и покажам, рече градоначалникот Костадинов.
Освен учеството во бизнис форумот, градоначалникот Костадинов оствари и билатерална средба со градоначалникот на Тревизо, Марио Конте, на којашто разменија искуства од работата на двете општини, а разговараа и за можностите за искористување на потенцијалите преку воспоставување на соработка во повеќе области.
Дводневната работна посета и остварените средби, уште еднаш го потврдија цврстото пријателство со Италија и големиот потенцијал за соработка во повеќе области.