Со пригодна свеченост општина Струмица денеска ја одбележа 69 годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Македонија Борис Трајковски. Пред споменикот „Македонија“ подигнат во негова чест во големиот градски парк, членови на семејството Трајковски, претставници на општина Струмица, политички партии, институции и организации положија свежо цвеќе, а за неговиот живот и дело зборуваше Ице Беличев, член на Советот на општина Струмица.
-Борис Трајковски остана запаметен по многу нешта, но пред се како втор Претседател на Република Македонија. Детенцето од моноспитовските сокачиња, момчето од струмичките улици, ученикот во струмичката гимназија, студентот на правниот факултет, верникот, политичарот и човекот, измина можеби кус но многу содржаен животен пат, за да се вивне во височините на македонскиот опстој и да стане и остане бесмртен и по неговата прерана смрт.
Ретки се тие луѓе кои останале да живеат меѓу луѓето и тогаш кога физички не се меѓу нив. Тоа е тој, човекот кој ги сакаше луѓето, Божјето чедо кое го сакаше Севишниот Господ Бог, сопругот и таткото кој неизмерно ги љубеше своите Вилма, Сара и Стефан, струмичанецот кој ја сакаше својата родна Струмица и Македонецот кој ја сакаше Македонија, кој се гордееше со Македонија и кој веруваше во Македонија. Ете таков беше Борис Трајковски, кој настојуваше да стави знак на равенство помеѓу она што значи „човек“ и она што значи „Претседател“. Токму таа човечност и едноставност беа неговите главни белези, па во тој поглед не сакаше воопшто да се менува. За него и граѓаните и селаните, и земјоделците и работниците и неговите соработници и државниците, беа подеднакво – луѓе. За него воопшто не беше важно кој е кој и кој на каква позиција се наоѓа, туку кој е човек во вистинската смисла на зборот. Беше тоа негова доблест по која уште долго ќе го паметиме, рече меѓу другото Беличев.
Стихови за Борис Трајковски читаа наградени учесници на литературниот конкурс што го распиша библиотеката „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.




