Струмица денеска на свој и посебен начин го започна славењето на Христовото раѓање, со Новогодишниот Хуманитарен Бадникарски концерт 2026, на градскиот плоштад.
Овој прекрасен традиционален настан се одржа во организација на Фондацијата Елеуса, во соработка со Струмичката Православна Епархија и Школата за веронаука при храмот „Св. Кирил и Методиј“ и ВИС „Стихири“, а под покровителство на Општина Струмица.
На патот од храмот „Св.15 Тивериополски свештеномаченици“ до градскиот плоштад, дечињата од Бадниковата поворка се задржаа и преку песна го најавија Христовото раѓање пред општинската зграда, каде што беа пречекани од градоначалникот Петар Јанков и Викарниот Епископ г.Јаков Стобиски и им беа подарени божиќни пакетчиња за среќни празници.
За градоначалникот Петар Јанков, Новогодишниот Хуманитарен Бадникарски концерт е прекрасен настан кој ја негува нашата традиција.
-Денеска на Бадниковата поворка имавме преку 300 дечиња кои даваат силна верба во верата, љубовта и заедништвото, настан кој покажува дека ние со таква младина имаме светла иднина. Благодарност до МПЦ, Фондацијата „Елеуса“ за целосната организација на овој настан, изјави градоначалникот Јанков.
Новогодишниот Хуманитарен Бадникарски концерт и овој пат на струмичани им понуди богата и празнична содржина во чест на Бадник, предвесникот на Христовото раѓање.


