Советот на општина Струмица денеска ја одржа 38 седница на којашто беше усвоен кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за вториот квартал од 2020 година. За извршувањето на буџетот во овој период информираше градоначалникот Коста Јаневски.
-Во првите шест месеци од 2020 година, вкупните приходи на буџетот на општина Струмица од планираните 1.237.353.933 денари се реализирани 434.383.940 денари или 35 проценти. Вкупните приходи ги сочинуваат основниот буџет кој е реализиран со 26 проценти во однос на планираното, наменските дотации 50 посто од планираното, самофинансирачките активности 19 посто од планираното, донациите со 27 проценти и во делот на кредити планираните 91.600.315 денари се уште не се реализирани.
Кај основниот буџет, реализираните расходи со износ од 130.188.217 денари се поголеми од реализираните приходи за 17.485.242 денари за кој износ се искажува дефицит кој се покрива од пренесенотот салдо на минатата година на буџетската жиро сметка, дефицит се појавува и кај самофинансирачките активности од 1.736.078 денари којшто исто така се покрива од пренесеното салдо од минатата година. Во однос на минатата година процентот на реализација на вкупните приходи е помал за 4 процентни поени, а кај основниот буџет процентот на реализација е помал за шест процентни поени од минатата година споредено со вториот квартал, рече градоначалникот Јаневски.
На денешната седница беа усвоени и годишните планови за вработување во општина Струмица и јавните претпријатија „Струмица гас“ и „Паркиралишта – Струмица“ за 2021 година. Зелено светло од советниците добија и годишните сметки со финансиски извештај, извештаите за работа во учебната 2019/2020 и годишните програми за работа и програмите за изведување на екскурзии и слободни активности на општинските основни и средни училишта за учебната 2020/2021 година. Усвоени се и извештаите за работа со завршни сметки на домот за деца и млади „Благој Мучето“ и на библиотеката „Благој Јанков Мучето“ за 2019 година, како и извештајот за работата во учебната 2019/2020 и програмата за работа во 20/21 година на музичкото училиште „Боро Џони“.