Струмица му оддаде почит на Гоце Делчев: Cвеченост пред неговиот споменик на 4 февруари

Струмица му оддаде почит на Гоце Делчев: Cвеченост пред неговиот споменик на 4 февруари
Струмица и на овој 4-ти февруари му се поклони на најголемиот македонски револуционер, Гоце Делчев и чествуваше во негова чест.
Пред неговиот споменик на градскиот плоштад којшто го носи неговото име, беше изведена пригодна програма на која со посебна почит за животот и делото на Гоце Делчев зборуваше градоначалникот, Петар Јанков.
-Гоце Делчев беше визионер, мислител и човек со длабока вера во иднината на својот народ. Во време на темнина и неправда, тој гледаше светлина. Во време на страв, тој внесуваше храброст, а во време на поделби, тој повикуваше на единство.
Неговата позната мисла „Го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“ и денес потсетува дека вистинската сила на еден народ е во знаењето, во достоинството и во меѓусебната почит. Гоце, веруваше во слободна Македонија и во човечноста како највисока вредност. Струмица како град на историја, традиција и слободен дух, со особена чест се поклонува пред неговото дело. Нашата Струмица била сведок на чекорите на револуционерите, на нивната жртва и на нивната непоколеблива верба во подобро утре. Затоа, споменот на Гоце Делчев е жив дел од нашиот идентитет. Нашата обврска денес не е само да се сеќаваме, туку да продолжиме по патот којшто тој го трасираше, да градиме општество на еднаквост, на можности, на напредок и на соживот. Да им оставиме на младите генерации држава во која ќе можат да сонуваат, да создаваат и да живеат достоинствено. Нека ни бидат пример неговата решителност, неговата жртва и безгранична љубов кон Македонија. Денес гордо му оддаваме чест на Гоце Делчев. Вечна слава на великанот, рече градоначалникот Јанков.
Во негово име и во името на општина Струмица, тој положи свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, а тоа го направија и претставници на институции, политички партии, здруженија и граѓани.

Во чест на Денот на раѓањето на Гоце Делчев, поезија рецитираа ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса.