Започна проширувањето на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од 7 километри

Започна проширувањето на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од 7 километри

Општина Струмица продолжува со реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. Деновиве започна проширувањето на дистрибутивната гасоводна мрежа во должина од 7 километри во рамките на проектот за подобрување на квалитетот на општинските услуги и основната инфраструктура.

Според градоначалникот Коста Јаневски кој денеска со директорот на ЈПЕД „Струмица гас“ Благој Милановиќ, извршија увид во градежните активности на улицата „Никола Тесла“ од каде што започна проширувањето, оваа инвестиција е обезбедена со поволно кредитно задолжување во износ од околу 26 милиони денари врз основа на Одлуката донесена на Советот на Општината во март 2019 година.

Целта на овој капитален проект е што повеќе домаќинства и деловни објекти да го користат гасот како еколошки и економски исплатлив енергенс со што истовремено ќе се намали загадувањето на амбиенталниот воздух во зимскиот период.

Директорот Милановиќ потенцираше дека со проширувањето на гасоводната дистрибутивна мрежа за 7 километри, Општина Струмица и ЈПЕД „Струмица гас“ го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните и условите за работа на бизнис заедницата.