Градоначалникот Јаневски ги презентираше општинските инклузивни практики

Во домот на АРМ, денеска, беше промовиран проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“ финансиран од ЕУ, а кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, а во кој Струмица е партнерска општина. На промоцијата учествуваше градоначалникот Коста Јаневски кој ги презентираше добрите инклузивни практики на општина Струмица и рече дека искрено се надева дека општина Струмица не е само модел, туку добар модел за инклузивна општина. Поткрепа на ова се преземените ангажмани и активности во инклузивноста, и тоа не само во рамките на реализацијата на овој проект, туку и преку учество во други проекти и соработка со граѓанските организации, училиштата и други чинители.

Општина Струмица има активно учество и во многу други проекти, но посебно би сакал да потенцирам дека од својот Буџет обезбедува средства за превоз на учениците со попреченост од Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско и за учениците со попреченост и лицата од нивната придружба. Тука е и специјалното патничко возило, кое се користи за организиран превоз на лица од ранливите категории. Преку проектот „Ангажирање на лични и образовни асистенти на ученици со попреченост, вклучени во редовен образовен процес“ кој беше пилот проект во Програмата „Општинско-корисна работа“, општина Струмица стана вистински репер и реалност за цела држава. Личните асистенти се грижат за учениците со попреченост кои следат редовна настава во основните и средните училишта, за непречено следење и активно учество во воспитно-образовниот процес, да ги пречекуваат во училиштата, да ги испратат до нивните живеалишта по завршувањето на наставата, но и да бидат со децата и за време на нивните воншколски активности. Од неодамна во Струмица функционира и „Повеќенаменски социјален центар“ во кој свое место наоѓаат Здруженија на граѓани кои третираат лица од различни ранливи категории. Овој центар е во согласност со новиот закон за социјална заштита на Министерствотвото за труд и социјална политика при Владата на Република Северна Македонија, а самиот факт дека меѓу другите истиот го користат и личните и образовните асистенти, укажува на тоа дека дека инклузивноста за која зборуваме денес, има свое обележје и во постоењето на оваа новоформирана институција на која сме особено горди. Верувам дека Општина Струмица ќе продолжи со уште посилно темпо со добрите локални инклузивни практики, за доброто на оние на кои истите им се наменети, но и за доброто на целата наша заедница, рече градоначалникот Јаневски.