Општина Струмица постави шест нови мерни станици за следење на квалитетот на воздухот

Општина Струмица постави шест нови мерни станици за следење на квалитетот на воздухот

Општина Струмица продолжува со сериозен пристап во справувањето со загадувањето на воздухот преку поставување нови мерни станици за следење на аерозагадувањето. Денеска во индустриската зона Север беше поставена една од шесте нови мерни станици, додека останатите пет се лоцирани во:

  • – ООУ „Видое Подгорец“
  • – СОУ „Јане Сандански“
  • – во близина на црквата „Св. 15 Тивериополски Свештеномаченици“
  • – кај бензинската пумпа на Макпетрол на излезот кон Валандово
  • – ООУ „Даме Груев“ во Куклиш

Со овие шест нови станици, заедно со претходно поставените шест, Општината сега располага со вкупно 12 мерни станици, плус една дополнителна станица поставена од Министерството за животна средина.

Градоначалникот Петар Јанков истакна дека новите мерни станици ќе обезбедат подобар увид и за граѓаните и за инспекциските служби.

„Податоците од мерните станици ќе бидат јавно достапни преку веб-платформа, а ќе ги користат и институциите за навремена реакција и преземање соодветни мерки против аерозагадувањето. Како Општина обезбедивме и осум прочистувачи на воздух, поставени во градинки и основни училишта, како донација од Владата. Ќе продолжиме со современи и конкретни мерки за подобри услови за живот на граѓаните“, изјави Јанков.

Според д-р Сашо Манасов, професор по компјутерски технологии и вештачка интелигенција, Струмица е прва општина во Македонија и на Балканот што имплементира вакво софистицирано решение.

„Инсталиравме и сензорски системи за мерење на азот диоксид, опасен загадувач кој најчесто потекнува од возилата и индустриските капацитети. Вградените сензори се од два типа и се меѓу најдобрите во светот, потврдени од врвни лаборатории. Нашите информатичари работат и на надградба на апликативното решение за уште понапредно следење и анализа на загадувањето на воздухот“, изјави Манасов.

Граѓаните резултатите од мерењата ќе можат да ги следат преку платформата strumica-air.com.