Отворена е новата детска градинка „Виножито“

Отворена е новата детска градинка „Виножито“

Денес, градоначалникот Костадин Костадинов, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и вишата специјалистка за образование при Светска Банка, Бојана Нацева, со пригодни обраќања и на симболичен начин, ја предадоа во употреба новата детска градинка „Виножито“ во Струмица.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Костадинов меѓу другото истакнa: Зарем е потребно да се повторува што значи оваа детска градинка за Струмица и нејзините граѓани, но ако се знае дека нашиов град, според моите сознанија, добива нова детска градинка по цели 40 години, тогаш треба да се каже дека вакво капитално дело треба да биде причина за радост за секој граѓанин од нашава општина. Нека ни е честита детската градина „Виножито“, нека се спокојни младите родители и нека се безгрижни, весели и среќни струмичките деца“.

Инаку, градинката „Виножито“, која се одликува со преубав и современ екстериер и ентериер, има капацитет за 244 деца од предучилишна возраст, а покрај многуте содржини располага и со паркинг простор за 27 автомобили наменет за родителите.