Се промовираа резултатите од проектот „Повеќенаменски социјален центар во општина Струмица“

Денеска се одржа завршниот настан за промоција на постигнатите резултати од реализацијата на проектот „Повеќенаменски социјален центар во општина Струмица“, проект кој е од исклучително значење за сите ранливи категории на граѓани. Овој проект е реализиран со донаторска помош од Владата на Република Бугарија, преку Среднорочната програма за развој и хуманитарна помош (2016-2019), а вредноста на донацијата изнесува 138 илјади евра. Имплементатор на проектот е Општина Струмица преку Одделението за меѓународна соработка и европски фондови. Целта на овој проектот е создавање механизми за институционална соработка помеѓу Општина Струмица и граѓанскиот сектор од социјалната сфера, како и социјална инклузија на граѓаните од ранливата категорија. Тука спаѓаат организации кои опфаќаат лица со оштетен вид, со оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидизирани лица, лица со интелектуална попреченост, аутистични лица и со други видови пречки.

Мене ми е особено задоволство што Струмица поминува во едно повисоко ниво во практикувањето на живот со хуман однос, а посебно ми е драго што во таа наша грижа ги вклучуваме сите оние кои што се во социјален ризик. Особено ме радува и ме прави горд, тоа што во последниот период продолжуваме една традиција која што општина Струмица ја започна уште многу пред мене, почитуваниот актуелен Премиер ги дал првите почетоци на она што се вика Струмица грижлив град, а кое јас го формулирав во мојата програма како една заложба и една визија која се надевам со сета своја енергија ќе успееме да ја исполниме до крај, а тоа е една голема обврска што ја зедовме и што ја нарековме Струмица грижлив град. Тоа е една наша формула во која што ќе се грижиме за сите сограѓани кои што се во социјален ризик, сограѓани со посебни потреби, сограѓани на кои што сме им потребни ние, а и сограѓани кои ни требаат нам, бидејќи така сите се потсетуваме колку предизвици имаме во животот и колку едни со други се збогатуваме, рече во своето обраќање градоначалникот Коста Јаневски.
Покрај претставниците на здруженијата на промоцијата присуствуваа и генералниот конзул на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Димитар Иванов, државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, пратеничката Катерина Кузмановска и членови на Советот на општина Струмица.