Советот го донесе Буџетот на општина Струмица

Советот го донесе Буџетот на општина Струмица

На денешната седница Советот го донесе Буџетот на општина Струмица за 2024 година. Тој ќе тежи 1.525.250.690,00 денари, од кои што 700.782.690,00 денари се однесуваат на блок дотации,  45.727.000,00 денари се однесуваат на самофинансирачки активности на буџетските корисници, 45.131.000,00 денари се однесуваат на донации и  средствата од основниот буџет во износ од 733.610.000,00 денари.

Градоначалникот Костадин Костадинов пред советниците детално го образложи Буџетот за 2024 година и програмите коишто ќе се реализираат, потенцирајќи дека тој ќе биде развоен и ќе го продолжи прогресот на Општината и граѓаните. Тој додаде дека по консултациите со граѓаните преку одржаните собири по урбаните и месните заедници и форумските сесии на Буџетскиот форум на кои учествуваа претставници од руралните и урбаните месни заедници  и буџетските корисници произлегле многу предлози и писмени барања кои се вградени во развојните програми и тие сега се составен дел на Буџетот за 2024 година.

На денешната седници усвоени се и Програмата за работа на Советот на општина Струмица за 2024 година и сите општински програми и повеќе извештаи, програми и одлуки во рамките на работењето на општинските јавни претпријатија и институции. Донесена е и одлука за задолжување на ЈПКД „Комуналец“ за изградба на две фотоволтаични централи на кровната конструкција на претпријатието и во дворното место на Пречистителната станица.

Советниците усвоија и повеќе одлуки од областа на урбанизмот, одлуки за доделување парична помош на Аргир Стоев и Иса Демиров и извештајот од процена на штета од природна непогода – поплава, силен ветар и град на подрачјето на општина Струмица од 29 мај 2022 година.