Денес Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев ги прими и им честиташе на членовите на Кик бокс клубот Струмица, членови на сениорската репрезентација на Македонија, кои на Светското аматерско првенство во кик бокс одржано во Карлсруе Германија постигнаа значаен резултат освојувајќи 2 бронзени медали.
На приемот кај Градоначалникот на Општина Струмица, Зоран Заев присуствуваа наградените Васко Димитриев и Ѓорѓи Никовски, Селекторот на македонската репрезентација во кик бокс Зоран Спасов, и Претседателот и потпреседателот на Кик бокс клубот Струмица, Слободан Великов и Александар Анѓелов.
Градоначалникот Заев честитајќи им за освоениот успех им се заблагодари на членовите на Македонската репрезентација во кик бокс, за успешната промоција на градот и им посака уште поголеми успеси на меѓународен план.
На светското првенство во Германија учествуваа 57 држави со над 2500 натпреварувачи кои се натпреваруваа во 7 дисциплини. Струмичанецот Димитриев Васко се натпреваруваше во дисциплината Low kick во категорија до 80 кг и го освои бронзениот медал, а Никовски Ѓорѓи во истата дисциплина во категорија над 90 килограми го освои вториот бронзен медал.
Освојувачите на двата бронзени медали му се заблагодарија на Градоначалникот Заев за подршката и за финансиската помош во износ од 30.000 денари потребни за учество на Светското првенство во Германија. Посебна чест за Општина Струмица е фактот дека сите 8 члена на Македонската репрезенација во кик бокс, учесници на Светското првенство беа од Струмица.