Денес градоначалникот Костадин Костадинов присуствуваше на регионалната панел дискусија, во организација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, а во рамките на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”, финансиран од Европската Унија.
На настанот се водеше дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и за предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините, во својата намера да обезбедат инклузивна клима.
Градоначалникот Костадинов, во своето обраќање пред присутните, ги истакна ангажманите на Општината, преку проектите „Инклузивни партнерства во заедниците“ и „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, како и опремувањето на сензорните соби во училитата „Сандо Масев“ и „Видое Подгорец“.
Притоа додаде: „Важно за споменување е и ангажирањето лични асистенти за ученици со попреченост во општинските училишта, набавка на електромоторен транспортер за учениците со попреченост во СОУ „Никола Карев“, обезбедување превоз за ученици со попреченост со специјално патничко возило до основните училишта, обезбедување превоз на ученици со попреченост од ЈУ „Завод за заштита и рехабилитација“-Бања Банско до општинските средни училишта, реконструкција и адаптација на санитарни јазли за ученици со попреченост, пристапна рампа во ООУ „Даме Груев“, с.Куклиш, во подрачното училиште во с.Свидовица и други“.
Планирано е, такви панел дискусии да се одржат во сите осум плански региони во државата.