Пред вечерашната главна карневалска вечер, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, организираше прием за ВИП гостите и претставниците на карневалските групи. На приемот кој што се одржа во домот на АРМ присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на интернационалниот борд на директори на FECC, Ван Дер Крон и негови членови, претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија, министри во Владата на Република Македонија и пратеници во Собранието на Република Македонија, претставници на карневалските групи од Аруба,
Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Албанија, почитувачи и поддржувачи на карневалот. Посакувајќи им срдечно добредојде, градоначалникот Јаневски рече дека му претставува чест и големо задоволство, што е нивни домаќин. Струмичкиот карневал како повеќевековна традиција под маски, е вистински белег на нашиот град – Струмица и гордост на сите струмичани. Од година во година, со неговото омасовување и осовременување, овој наш карневал, цврсто се позиционира на светската мапа на карневалски случувања, а Струмица стана респектабилна дестинација за сите љубители на свеченостите под маски. Таквиот подем го донесе Струмичкиот карневал на листата на дваесетте најдобри улични карневали во целиот свет, а неоддамна беше избран за еден од седумте највозбудливи зимски дестинации во Европа, во друштво со карневалите во Венеција, Минхен, Келн и Љубљана, како и фестивалите во Амстердам и белгискиот Хаселт. Убеден сум дека вечерва сите заедно ќе се увериме, дека нашиот карневал тие високи позиции и ги заслужил. Јас се надевам дека ангажманите на Организациониот одбор, со безрезервна поддршка од Општина Струмица и Владата, преку Министерството за култура, ќе придонесат за уште поголем растеж на нашиот карневал. За крај, сакам уште еднаш да ви се заблагодарам за Вашето присуство и за можноста со Вас да ја споделиме радоста што ни ја приредува Струмичкиот карневал. Ви посакувам убав престој во Струмица и вистинско уживање во карневалот, со надеж дека ќе понесете убави спомени од нашиот град. Дојдете ни пак, рече Јаневски. Пред присутните се обрати и Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на кого од претседателот на Федерацијата на европските карневалски градови, Фердинанд Ван дер Крон му беше врачен медал за неговиот огромен придонес во развојот на Струмичкиот карневал. Овој карневал покажува дека може да биде мост за соработка меѓу градовите и државите и тоа не само меѓу тие во Европа, туку и од цел свет, рече премиерот Заев. Медал од Федерацијата на европските карневалски градови му беше врачен и на градоначалникот Коста Јаневски. Во знак на взаемна почит и пријателство, домаќините и гостите си разменија пригодни подароци, а по завршувањето на приемот, сите заедно заминаа на градскиот плоштад и од свечената ложа го следеа интернационалното карневалско дефиле.