Од 22 до 25 февруари во Софија, Република Бугарија, се одржа натпревар на тема „Перспективите на Коридор 8“. На натпреварот земаа учество осум тимови од СОУ „Јане Сандански“- Струмица. Сите ученици покажаа исклучителни познавања од темата и понудија готови проекти и идеи за развој на туризмот, економијата, сообраќајот и добрососедските односи помеѓу земјите низ кои минува трасата на оваа важна трансверзала, а тоа се Италија, Албанија, Македонија и Бугарија.
Првото место го освои тимот составен од учениците Анета Манева, Теодора Дузлевска и Костаќе Ќосев (ментори Јованка Михаиловиќ и Билјана Костадинова), второто место им припадна на Коста Михајлов, Оља Караристова, Сања Петрова и Христина Палазова (ментори Јованка Михаиловиќ и Даница Палазова), а третото на Ирена Илиева, Слободанка Караманова, Ева Ставрева и Ева Ангелова (ментори Стаменка Џорлева и Македонка Манушева), сите од СОУ „Јане Сандански“. Поради извонредниот квалитет на проектите, беше доделена и една дополнителна награда на тимот составен од учениците Викторија Трајанова, Христијан Ѓоргиев, Анастасија Драгомирова и Сара Василева (ментори Стаменка Џорлева и Македонка Манушева). Учениците беа наградени со дипломи, книги и парични награди. Општина Струмица им го честита постигнатиот успех на учениците и нивните ментори и согласно Стратегијата за образование секогаш ќе го поддржува и поттикнува креативното изразување на сите ученици во Општината обезбедувајќи предуслови за учество во проекти од домашен и меѓународен карактер.