Во рамките на одбележувањето на патрониот празник на средното општинско училиште „Јане Сандански“ на големата сцена во центарот за култура „Антон Панов“, синоќа беше изведен музичко – сценски перформанс „Биди гимназијалец, биди економист“. Меѓу присутните кои уживаа во овој несекојдневен настан, беа и градоначалникот Коста Јаневски и членови на Советот на општина Струмица.
Дваесет и двајца професори и шеесетина ученици преку музика, песна и сценска игра се навратија на минатото, ги оживеаа спомените и се радуваа на сегашноста, но и на светлата иднина на идните гимназијалци и економисти. Мјузиклот беше поврзан со сите наставни предмети и активности во училиштето од минатото до денес.