Во кабинетот на градоначалникот Коста Јаневски денеска се одржа координативен состанок со членовите на организациониот одбор и претставници на институциите кои даваат логистичка поддршка пред утрешниот официјален старт на седмото издание на Струмица опен фестивалот. Севкупната организација, а посебно безбедноста за време на последните три музички вечери, кога и се очекува најголем број посетители, беше темата на која се разговараше на состанокот.
Безбедноста ни е приоритет и најмногу разговаравме од тој аспект, сакаме тие настани да поминат во едно добро расположение, луѓето да се чувствуваат убаво и безбедно и користам прилика да ги поканам сите наши сограѓани, гости од другите градови во државата и од странство кои веќе се најавуваат дека ќе бидат присутни, да дојдат и да присуствуваат на овие настани и да поминат во добро расположение. Се надевам дека оваа година, овој фестивал ќе го задржи реномето кое што го имаше досега и очекувам да биде уште поуспешен и се надевам дека тој тренд Струмица ќе го задржи и во наредните години, рече по состанокот градоначалникот Јаневски.