Се одржа јавен настан на тема „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“

НВО Инфоцентарот, Народниот правобранител и општина Струмица, денеска, во домот на АРМ, организираа јавен настан на тема „Народниот правобранител и локалната власт: Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“. Главниот фокус на дискусијата беше ставен на улогата на Народниот правобранител како клучна институција во заштита на правата на граѓаните, и начините за подобрување на соработката на локалните власти, државните и јавните институци на локално ниво, со Народниот правобранител.

Во својата дискусија градоначалникот Коста Јаневски го потенцираше задоволството од соработката на општина Струмица  со Народниот правобранител преку подрачната канцеларија на Заменик народниот правобранител. Зборот „граѓани“ е заеднички именител на двете институции кои се дел од насловот на овој јавен настан. И Народниот правобранител постои за граѓаните, грижејќи се за остварување на нивните права, и Општината преку делувањето на своите одделенија и сектори, како и институциите кои се под нејзина надлежност, исто така работи за доброто на граѓаните. Ако при професионалниот однос кон работата, секогаш имаме на ум, дека ние постоиме за граѓаните, а не граѓаните за нас, тогаш сме на вистинскиот пат да ги оправдаме позициите кои ги имаме во општеството и заедницата.  И ако е тоа така, тогаш соработката помеѓу Народниот правобранител и Општината, треба сама по себе да се подразбира. Од гледна точка на општина Струмица, јас сум задоволен од начинот на кој соработуваме со Народниот правобранител, преку подрачната канцеларија на Заменик народниот правобранител во Струмица. Таа соработка   покрај другото е и коректив на нашето работење. Еден од доказите за подготвеноста на локалните власти да соработуваат со Народниот правобранител, е и постоењето на Локалното координативно тело за заштита од дискриминација, формирано од општина Струмица, а  во кое членува и претставник на струмичката подрачна канцеларија на Народниот правобранител. Колку и да е добра  таа соработка, мора заеднички да вложиме дополнителен ангажмани, истата да ја негуваме и продлабочуваме, за при секоја наредна средба да констатираме дека е се подобра и подобра, рече градоначалникот Јаневски.