Нови клонови на градинката „Детска радост“ во Куклиш и Муртино

Во населените места Куклиш и Муртино во тек е преадаптација на објекти во клонови на градинката „Детска радост“, а кои што се сопственост на општина Струмица. Градоначалникот Коста Јаневски го посети објектот во Куклиш и рече дека се работи за значаен проект од областа на социјалната сфера. Овој проект ќе опфати 86 дечиња кои што ќе бидат згрижени во овие објекти.

Мислам дека со згрижувањето на таа наша најмлада популација значително ќе се подобри квалитетот на животот во овие населени места, тоа е еден долго очекуван и посакуван проект кој успеавме да го доведеме до реализација. Во тек се градежните работи кои би требало да завршат до крајот на февруари, а потоа следува доопремување од општина Струмица и навистина големо e задоволството кога ќе се видат вакви успешни проекти кои се во тек и кои во догледно време ќе финишираат. Поголемиот дел од средствата се обезбедени од ЕУ преку ИПА фондовите, проектот е администриран преку Светска банка и Министерството за финасии, а со еден доста значаен дел, секако учествува и општина Струмица преку финасиски средства обезбедени од општинскиот буџет. Во објектот во Куклиш ќе бидат згрижени 60 дечиња, а во Муртино се работи за капацитет од 26 дечиња. Јас мислам дека ова е едно дополнување на нашата социјална програма и мислам дека и граѓаните на овие населени места ќе можат да ги уживаат бенефитите од едно вакво згрижување на оваа категорија на деца, рече градоначалникот Јаневски.