Градоначалникот Коста Јаневски со своите соработници изврши увид во градежните работи во една од зградите на поранешната касарна, во која еден кат се подготвува за Повеќенаменски социјален центар со 7 простории во кои своите активности ќе можат да ги извршуваат здруженијата на социјално ранливите групи, а вториот за останатите невладини организации. Овие организации, во овој простор ќе можат својот позитивен придонес во развивањето на нашата Општина и општество да го искажат на најдобар можен начин, впрочем,
тоа беше ветено и во нашите предизборни програми, мојата лично и заложбата беше тоа ветување да се оствари. Наидовме на разбирање и од други наши партнери, луѓе кои што сакаат да помогнат. Во едниот дел од оваа инвестиција учествува Владата на Република Бугарија која што донираше околу 138 илјади евра, донација која што ја употребивме за социјалните категории на наши сограѓани, реновирање на зградата, надворешно и внатрешно уредување на едниот дел од зградата и останатите средства се комбинирани од Фондацијата Отворено општество Македонија и наши лични средства кои заеднички ги вклопивме за да може да се добие еден повеќенаменски центар за социјалните категории и невладините организации, кој се надевам и верувам дека ќе ги задоволи потребите на овие наши сограѓани. Во тек е изработката на методологијата и критериумите за тоа како тие ќе се користат, што е исто така многу важно, бидејќи нашата е развиена Општина во која што делуваат повеќе невладини организации и би требало да најдеме вистински критериуми и начин како ќе се користат овие простории за да може сите да бидат подеднакво застапени и да им се даде онаа важност кои што тие навистина ја имаат во нашето општество, рече градоначалникот Јаневски. Според планираното, овој повеќенаменски центар ќе биде готов до крајот на септември оваа година.