Угостителите и трговците да ги почитуваат законските обврски за користење на јавните површини

Општина Струмица како институција чија цел е заштита на јавниот интерес, упатува јавен повик до сите правни и физички лица кои за вршење на своите деловни активности користат јавни површини пред своите деловни објекти, дека истите имаат обврска согласно Законот за јавна чистота и согласно Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на општина Струмица, да набават одобренија за користење на јавните површини и да ги почитуваат параметрите дадени во уверенијата.

Овластениот комунален инспектор Љупчо Ташевски, денеска,  апелираше до угостителите и трговците да ги почитуваат законските одредби, во спротивно ќе следуваат прекршочни мерки.

Сите правни и физички лица кои користат јавни површини да се обратат во Секторот за урбанизам и комунални работи, односно, во Одделението за комуналии кое ги изготвува и издава одобренијата за користење на јавните површини, истото да го направат во најкус рок бидејќи комуналната инспекција во општина Струмица во изминатиот период вршеше превентивни надзори при што на сите правни и физички лица кои што до моментот користат јавни површини им е дадено усно укажување, односно, усни опомени за да набават одобренија и да се придржуваат кон параметрите кои што се дадени во тие уверенија, бидејќи, за оние кои што во наредниот период ќе биде констатирано дека не ги почитуваат законските обврски, ќе следуваат прекршочни мерки согласно Законот за јавна чистота. До моментов сите угостителски објекти кои што гравитираат во централното подрачје се опоменати, им се дадени усни укажувања, а исто така и сите правни и физички лица кои што гравитираат во поширокиот регион и кои користат јавна површина за изложување на асортиман за продажба. Вкупната бројка е над сто субјекти, на сите им е дадено усно укажување, поголемиот дел од нив досега имаат поднесено барања за регулирање на  статусот на јавната површина, а до останатите, апелираме во најкус можен рок истото да го направат, бидејќи во спротивно ќе бидат преземени соодветни мерки. Согласно Програмата за поставување на урбана опрема која што е донесена од страна на општина Струмица, под урбана опрема се сметаат масите, столовите и настрешниците од отворен тип, се што е од затворен тип преминува во фазата на градба и согласно тоа градежната инспекција на општина Струмица си има отпочнато свои постапки и постапува согласно одредбите од Законот за градење, рече Ташевски.