Струмица ќе биде домаќин на Агро саем 2019

На 30 и 31 август во Струмица ќе се одржи Агро саем 2019. За содржината и целта на оваа саемска манифестација, денеска, на заедничка прес коференција информираа градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски и Борче Јанев, претседател на здружението „Проагро фармери“ од Струмица. Иако аграрот не спаѓа во ингеренциите на локалната самоуправа, сепак значајно е да се спомене дека во овој проект со свои буџетски средства учествува и Општина Струмица, поаѓајќи од фактот дека земјоделството е гранка од која егзистира најголемиот број од населението во нашата општина и воопшто во Струмичкиот регион.

Се надевам дека претстојниот саем со  очекуваните бенефити ќе го оправда своето постоење и дека свој интерес во него ќе најдат и земјоделските производители и фирмите од областа на земјоделството и преработувачката индустрија, како и сите посетители кои ќе пројават интерес да бидат дел од него, рече градоначалникот Јаневски. Саемот е дел од проектот „Модерно и квалитетно производство кај градинарите во Банско, Муртино и Робово“, кој се спроведува во рамките на програмата за локална демократија во Западен Балкан, финансирана од ЕУ, а спроведувана преку Програмата за развој на УНДП. Сметаме дека овој саем е од особено значење за локалната заедница и убедени сме дека токму резулатите од истиот ќе бидат и добра практика и за останатите земјоделски општини и региони, како и на кој начин соодветно да ги надминуваат и решаваат проблемите кои имплицираат поместување во аграрот, рече Борче Јанев претседател на Здружението „Проагро фармери“ од Струмица, кое е и организатор на оваа саемска манифестација.