Во основните и средните училишта во општина Струмица се е подготвено за успешно започнување на новата учебна 2019/20 година, изјави денеска градоначалникот Коста Јаневски по посетата на неколку основни општински училишта во градот. Општина Струмица вложи максимални ангажмани за продолжување на континуитетот во поглед на непреченото и квалитетно одвивање на воспитно-образовниот процес во сите училишта.
Па така, согласно програмата на Општината во делот на образованието за 2019 година, од општинскиот Буџет досега се издвоени 1.693.587 денари за капитални инвестиции. Од нив, еден милион денари беа наменети за реконструкција на две училници во ООУ „Маршал Тито“ – Струмица, со поставување на меѓукатна конструкција (плоча) и замена на подот, потоа замена на дотраените плочки со нови по скалилата, влезот и терасата на училиштето, како и набавка на врати со каси за истото училиште. Од споменатата сума за капитални инвестиции, 500.000 денари се наменети за поставување плоча за една училница и за канцеларијата за наставници и промена на подот, санација на ѕидовите и поставување на нови внатрешни врати во ООУ „Маршал Тито“ – Муртино, Подрачно училиште во Банско, како и проширување на канцеларијата, а останатите 193.587 денари се за реконструкција на фасадата во Подрачното училиште „Сандо Масев“ во Водоча. Поднесени се и апликации за капитални инвестиции до Министерството за образование и наука од страна на основните и средните училишта, при што одобрени се оние кои се однесуваат на целосна реконструкција на Подрачните училишта „Сандо Масев“ во Добрејци и Баница, која ќе започне во текот на идната година. За новата учебна година, Општина Струмица за првпат од својот Буџет издвојува средства за ужина на ученици од основното образование во висина од 2.022.440 денари и 600.000 денари за набавка на училишен прибор за учениците од основното образование од социјално загрозените семејства. И годинава Општина Струмица обезбеди 650.000 денари за училишни униформи за сите ученици од прво одделение, рече градоначалникот Јаневски.